Од 15 до 18 ноември во Белград се одржува регионална конференција под насловот „Скршеното огледало - проблем на идентитетот во постјугословенскиот документарен филм“. Програмата е инспирирана од истоимената книга, своевидна капитална студија на еминентниот полски филмолог д-р Магдалена Тутка Гвожд, во издание на норвешкиот Универзитет во Осло, како резултат на нејзините повеќегодишни истражувања. Во рамките на четиридневната разновидна програма ќе има и филмски проекции на интересни документарни филмови кои се опфатени во опсежната обработка на оваа тема од сферата на документаристиката во пост-транзициониот период.
Од Македонија во Белград како официјален гостин и учесник е присутен режисерот и сценарист Горан Тренчовски. Во ексклузивниот централен термин в недела (16 ноември), веднаш по промоцијата на книгата „Скршено огледало“, со почеток во 21 часот во Домот на културата „Студентски град“ пред белградската и меѓународната публика ќе се прикажат два документарни филма во режија на Горан Тренчовски.
Првиот е 60-минутниот документарец „Верувам во Македонија“ во продукција на Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и МТВ. Главното мото на филмот е вербата во Македонија, односно во нејзината иднина, што воедно беше и главен слоган на неговата кампања за избор на претседател на нашата држава. Вториот е „Духот на татко ми“, авторски и самостоен документарен проект на Тренчовски. Во оваа 39-минутна возбудлива филмска приказна беседат дваесетина современици на Шишков и негови најблиски, роднини и соработници. Низ бројни филмски инсерти се испреплетени и моменти од животот и делото на овој актерски великан. И двата филма досега се прикажувани на повеќе фестивали и манифестации и се користат како референтен пример на научни конференции, дисертации и истражувања на филмски институти и факултети во светот.
Во Белград Тренчовски ќе оствари средби и со потенцијалните партнери и соработници за неговиот долгометражен игран филм под работен наслов „Златна петорка“ зад којшто стојат скопската филмска продукција „Револутион“ и продуцентот Дејан Милошевски, филм кој е поддржан од Агенцијата за филм на РМ, а кој треба да започне да се снима во 2015 година.
На филмската ревија конципирана од српскиот автор и организатор Игор Тохољ, меѓу другото, ќе бидат прикажани и македонските документарци „Дома“ на Ѓорче Ставрески, „Погледни го животот низ моите очи“ на Марија Џиџева и „Бабички на револуцијата“ на Бранд Феро и Петра Селишкар, како и филмовите од регионот „Прети Диана“ на Борис Митиќ, „Пилешки избори“ на Горан Радовановиќ, „Сосем лично“ на Неџат Беговиќ, „Чекори“ на Владимир Перовиќ и др.