Со векови, од колено на колено, во Струмица се раскажува приказната за постоењето на тунел под легендарните Цареви кули, кој водел до еден од влезовите. Според преданијата, тунелот почнувал под главната кула и завршувал во манастирската црква „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, лоцирана на почетокот на сегашното турско маало, поминувајќи под речиси целиот стар дел на градот. Многу постари струмичани и сега сведочат дека тунелот постоел и кога биле мали, некаде пред почетокот на Втората светска војна и подоцна, секојдневно се качувале на Царевите кули и слегувале во тунелот.
Тоа најчесто го правеле жителите на Чифлик маало, кои се најблиску до Царевите кули. Едно такво сведочење забележавме од доктор Александар Ристевски.
„Нам, на децата од Чифликот, но и од другите маала, главно место за игра ни беа Царевите кули. Немаше ден да не се искачиме таму и да играме. Многу убаво се сеќавам дека најхрабрите од нас влегуваа во тунелот, кој водеше под земјата на длабочина од 200 до 300 метри, во правец кон црквата „Свети петнаесет“. Влегувавме со страв, но тунелот од ден на ден беше се' помал. Со текот на времето тој се' повеќе се намалуваше за некаде во 50-тите и 60-тите години од минатиот век целосно да исчезне затрупан под кулата“, раскажува д-р Ристевски.
Старешината на манастирската црква „Свети Петнаесет“, отец Димитар Крцев, со многу емоции раскажува за легендарниот тунел. Тој сведочи дека пред повеќе години на источната страна од црквата биле правени пресеци по барање на митрополитот струмички Наум.
„Пред три години имаше уште еден обид од страна на археолози, со специјални инструменти да најдат траги од тунелот. Истражувањата се вршеа во некогашната епископска гробница, која е откриена веднаш до сегашната црква, во олтарниот дел, но не можеа да откријат ништо. Можеби тунелот продолжува во делот каде што сега има изградено куќи, но засега тоа не може да се потврди“, вели отец Крцев.
Според црковните преданија, низ тунелот можело да помине едно натоварено магаре, најчесто со вода и основни прехранбени продукти. Во лето најголем проблем за жителите на Цареви кули била водата, која морале да ја носат од пониските делови на Струмица, па дури и од црквата „Свети Петнаесет“, каде што постоел извор под еден повеќевековен брест, кој секна пред триесетина години. Покрај тоа, тунелот служел и за евакуација на војниците, доколку некој ги сардиса кулите. Само преку него тие можеле да заминат оттаму и никој да не ги забележи.
Извор: http://www.utrinski.mk/?ItemID=80543B4836F3754E80873143A3AA1B66