На меѓународниот натпревар за пијано кој минатата недела се одржа во Белград, учествуваа и сестрите Ивана и Ана Мазнејкови од Струмица, секоја настапувајќи во соло категорија. Ана Мазнејкова која има само четири години освои прва награда и златен медал. Осумгодишната Ивана Мазнејкова исто така ги освои првата награда и златниот медал, а беше прогласена и за лауреат на натпреварот – единствен првонаграден учесник во сите возрасни категории кој доби по 100 бодови од секој член на меѓународната жири комисија за што беше наградена со златен пехар.
Ивана и Ана се натпреваруваа со учесници од повеќе држави меѓу кои Хрватска, Словенија, Србија, Литванија и Бугарија. За Ивана која е ученичка во трето одделение во музичкото училиште „Боро Џони“ оваа е дваесетта јубилејна награда освоена на меѓународни натпревари во Италија, Германија, Франција, Летонија, Словенија, Србија, Бугарија и Македонија. Ана првиот успех го имаше на меѓународниот натпревар за пијано кој минатата година се одржа во Гевгелија на кој ја освои првата награда и сегашната прва награда во Белград е извонреден успех за ова талентирано четиригодишно девојче.
Патувањето на малите пијанистки од Струмица во Белград го помогна градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој и порано ја потврдувал својата поддршка.