AMD Strela

 

Од 27 до 31 мај – Еден филm насекаде, сите на Астер фест во Струмица

Од 27 до 31 мај – Еден филm насекаде, сите на Астер фест во Струмица
Објавено на: 04 May 2015

Овогодишното единаесетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ – Струмица ќе се одржи од 27 до 31 мај, под мотото „Еден филм насекаде, сите на Астерфест“.И овој пат фестивалската програма на „Астерфест“ изобилува со врвни актуелни филмски остварувања од целиот свет. Во натпреварувачката програма на кратки играни филмови „Глобална фикција“, што ја селектираше Сунчица Уневска, има неверојатна палета на ексклузивни филмски приказни од Иран до Шпанија, од Египет до Велика Британија. Сите тие приказни зборуваат за судбината на човекот во денешното општество, за судбината честопати предодредена од природните или општествените закони. Со други зборови, ова интересно патување на различни страни во светот успева да ги допре актуелните проблеми во тие земји во нивната суштина, но и да проговори за вечните дилеми што го мачат човекот. Тука го имаме оскаровецот Мет Киркби со британскиот „Телефонски повик“; потоа иранскиот „Повеќе од два часа“ на Али Азгари, кој беше номиниран во Кан и во Санденс и освои над 18 награди; тука е и француско-израелската авторка Тамара Ерде, чиј филм „Дизни Рамала“ ги собра сите награди во Франција, но ја освои и публиката. Шпанскиот филм „Ние сме пријатели“ на младиот Карлос Солано Перез беше на повеќе од 75 фестивали, додека Русинот Жора Крижовников е вистинско откритие со филмот „Случајно“, кој како да исцртува еден современ Раскољников. Копродукцијата на Македонија со Египет во „Пештерата“ на Ахмед Гонеими си поигрува со вклопувањето во променливиот свет, додека српскиот „Даб плеј“ на Немања Лазиќ, низ ироничниот сплет на околности, си игра со вечно провокативната филмска тема за платените убијци.

Натпреварувачката програма на кратки документарни филмови „Ѕвездени документи“, што ја селектираше Гена Теодосиевска, го поставува главно прашањето дали сме подготвени да ѝ погледнеме на реалноста в лице. Таа е составена од седум ексклузивни креативни документарни стории. За овој „Астерфест“, во оваа, по многу нешта необична 2015 година, селектирани се приказните што ги фасцинирале Ане Маријке Графманс од Холандија, долгогодишната пријателка на овој фестивал, смела филмска авторка која сторијата на едно семејство ја „ткае“ преку болеста на таткото („Нема ништо недоречено“); Паола Онет која се враќа кон своите корени во едно мало романско село каде што баба ѝ, дедо ѝ и нивните соселани поминуваат низ една необична, а истовремено чудна фотографска сеанса („Како сакате“); двата авторски тандема од Италија, Спано – Пиколо, кои ни откриваат една вознемирувачка, долго чувана тајна во Националниот парк Вирунга во Конго („Животински парк“); Кирстен Гајнет, руска авторка со потекло од Република Башкортостан, со приказната за чесниот и скромен војник Газис Микомедјанов („Живеј, војнику, живеј“); германската авторка Анабела Ангеловска со необичната филмска сторија за Хакие, која одлучила да живее како Хаки според законот на „бурнеша“ кој се практикува само во Албанија („Хакие-Хаки“); младиот македонски автор Перо Кованцалиев, импресиониран од животот на еден Македонец кој се обидел среќата да ја побара низ казината во Африка („Вујче“); Кристијан Јенсен од САД со возбудливата и смела приказна за семејството нелегални емигранти во Северна Дакота („Бела земја“), номинирана за Оскар за краток документарец, филм кој никого не остави рамнодушен на меѓународните фестивали.

Во анимираната програма „Анимоушн“, Марјан Захов Пецев повторно ни нуди импресивни анимирани филмови од разни страни на светот. Во неговата селекција на универзални естетско-креативни возбуди се филмовите: полскиот „Дебелиот и слабиот“ на Александра Брожина, рускиот „Кокошката“ на Васил Бедошвили, српскиот „Приказна за крушата и зајакот“ на Драгана Купрешанин, францускиот „Сладок кожурец“ на групата ЕСМА номиниран за Оскар и холандскиот „Харинга“ на Давор Бујаковиќ и Јунаид Хундригар.За филмовите во официјалната конкуренција ќе се доделат Златна, Сребрена и Бронзена потковица, Старозлатен проектор, како и наградите „Ѓорги Абаџиев“ за најдобро сценарио, „Ацо Алексов“ за најдобар режисер, и други награди од жирито.

ввв

За програмата „Мувиленд“, која оваа година е во фокусот на најновиот краток филм од Турција, Влатко Галевски, во соработка со Универзитетскиот филмски центар „Митхат Алам“ и со Истанбулскиот фестивал на краток филм, одбра неколку интересни краткометражни филмови потпишани од претежно млади турски режисери, а за тој програмски блок ќе се додели една награда за најдобро филмско дело.

На самото отворање на фестивалот лауреатите ќе ги примат престижните награди за високи достигнувања во областа на филмот. Овогодишен добитник на авторското фестивалско признание „Астер“ е Киро Урдин, а Специјалната награда од Тивериополската филмска алијанса му припадна на актерот Боро Стјепановиќ.

Киро Урдин е роден во Струмица, на 12 мај 1945 година. Тој е познат режисер на документарни филмови, визуелен и мултимедијален уметник, член на Македонската академија на науките и уметностите. Дипломирал на Правниот факултет во Белград во 1969 година, а подоцна студирал на Академијата за уметност во Париз, Франција. Дипломирал на Академијата за филм во Париз. Од 1982 до 1983 изработувал портрети на истакнатите учесници на Струшките вечери на поезијата (Неруда, Монтале, Орлов, Окаи, Гилвик). Имал можност да твори во Франција, САД, Јапонија, Швајцарија, Шведска, Мексико, Белгија, Порторико, Филипини, Тајван. Напишал повеќе книги афоризми. Меѓу другото, автор е на наградуваните документарни и кратки филмови: „Пишта“, „Те сакам, Ибан“, „Догона“, „Кучиња и возови“, „Вода и оган“, „Две времиња“, „Чекори“, како и на „Планетариум“ во корежисерство со Иван Митевски. Сподвижник е на уметничкото движење „планетаризам“.

Боро Стјепановиќ (8 мај 1946, Вареш) е познат актер и педагог. Дипломирал актерска игра на Академијата во Белград, во 1971 година. Одиграл 50-тина филмски и уште толку театарски улоги, а играл и во голем број ТВ-серии. Некои од неговите позабележителни улоги се оние во „Кого чекаш, куме“, „Се сеќаваш ли на Доли Бел“, „Кој тоа таму пее“, „Чудо невидено“, „Мирисот на дуњите“, „Кудуз“, „Глув барут“, „Ничија земја“, „Урнебесна трагедија“, „Горчило“, „Мост на крајот на светот“, „Стратегија на страчката“, „Последниот скретничар на тесниот колосек“, „Аудиција“, „Кујна“, „Неверојатниот цилиндар на Н. В. Кралот Кристијан“, „Чекрк“, „Пикник“ и други. Работел со речиси сите врвни режисери од земјите на бивша Југославија, а неговите филмови се овенчани со високи признанија на светски фестивали. Учествувал во основањата и бил професор на Академијата за сценски уметности во Сараево и на Факултетот за драмски уметности во Цетиње, а напишал и неколку интересни книги за актерството.

Астер портретот и Тивериополските филмски беседи, посветени на лауреатите, традиционално ќе се одржат во дворот на манастирот во Велјуса. Во нивна чест во текот на фестивалот ќе се прикаже „Две времиња“ на Урдин, кој ја освои главната награда „Џиновска панда“ на Шестото издание на Меѓународниот фестивал во Јаан, Кина. Исто така, професорот Стјепановиќ на „Астерфест“ ќе одржи работилница за посебноста на филмското актерство со акцент на интермедијалната игра, модалитетите, разликите, спецификите и споредбите на филмското актерство во однос на другите медиуми.

Сите филмски проекции ќе се одржуваат во големата сала на НУЦК „Антон Панов“.

Финансиски покровители на „Астерфест“ се Агенцијата за филм на РМ и Општина Струмица.

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK