Општина Струмица доби уште еден грант од ИПА програмата на Европската Унија во висина од 336.188 евра за проект кој е од исклучителна важност за нашето културно наследство, за зачувување на традиционалните вредности, но и за развојот на туризмот. Станува збор за втората фаза од ангажманот за реконструкција, реставрација и конзервација на бедемите на локалитетот „Цареви кули“, а во рамките на проектот за заштита и промоција на природното и културното наследство во прекуграничниот регион на Струмица и Кукуш. Средствата се добиени од ИПА програмата на ЕУ за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција и изнесуваат 956.188,50 евра, од кои 336.188 евра се грант за општина Струмица. Носител на овој проект е општина Струмица во партнерство со општина Кукуш, Република Грција, регионот на Кукуш и општинската организација за култура, млади и спорт „Опонга“ од Кукуш.
-Мора посебно да го истакнам фактот дека во конкуренција на 180 проекти од Македонија и Грција, овој наш проект е најдобро рангиран што е уште една потврда за нашата посветеност, инвентивност и професионален пристап кон изработката на таквите проекти, за што посебни заслуги има Одделението за локален економски развој при општина Струмица. Да се има најдобар меѓу многуте проекти од Вардарскиот, Југоисточниот, Југозападниот и Пелагонискиот регион од Република Македонија и од регионите Флорина, Пела, Кукуш, Серес и Солун од Република Грција, е нешто што не прави горди, но и подготвени за нови слични подвизи. Инаку, во рамките на овој проект ќе бидат конзервирани и реставрирани западниот бедем на тврдината и влезната северна кула, а со општински средства дополнително ќе бидат конзервирани и реставрирани и сите останати сегменти од локалитетот „Цареви кули“ за кои стручните луѓе имаат соодветни прецизни сознанија. Користејќи го стручното знаење и искуството на луѓето од Завод – Музеј во Струмица, убеден сум дека делот на конзервацијата и реставрацијата ќе биде професионално реализиран, рече на денешната прес конференција градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.
Општина Струмица, дополнително ќе инвестира средства и во промоцијата на „Цареви кули“ како туристички локалитет во градот. Според најавите, активностите од проектот треба да завршат за две години, кога Струмица и Македонија треба да го одбележат големиот јубилеј, илјада години од битката на Беласица.