Вечерва со доделување на наградите на годинешните лауреати режисерот Киро Урдин и на актерот Боро Стјепановиќ свечено беше отворено единаесетото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица. Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, а присутните го поздрави и директорот на Филмскиот фонд на Македонија, Дарко Башески.
На режисерот Киро Урдин признанието „Астер“ му е доделено за високи достигнувања во документарниот филм, а на актерот Боро Стјепановиќ му е доделено почесно признание за високи достигнувања во филмот.
-Во Македонија доаѓам по 25 години и ова ми е прво признание за мојот голем и долгодишен филмски ангажман. Наградата ми значи многу и ја примам со голема радост, рече познатиот актер, Стјепановиќ.
Режисерот и уметник, Киро Урдин, кој потекнува од Струмица, не го криеше своето големо задоволство што е добитник на високото фестивалско признание.
- Како деца во август одевме во струмичкиот парк и ги гледавме ѕвездите. Мислевме дека тогаш се најблиску до нас. Сега не знам дали е така. И вечерва тие се блиску до нас, бидејќи фестивалот го носи името „Астер„ што значи ѕвезда. Наградата ми значи многу и ми е највредна во животот. Ја подарувам на целата моја екипа, рече Урдин.
Фестивалот годинава се одржува под мотото „Еден филм насекаде, сите на „Астерфест“. За директорот и основач на фестивалот, режисерот Горан Тренчовски, ова мото внесува една нова визија и содржина на почетокот на втората деценија од одржувањето на фестивалот.
- Среќен сум што имаме прекрасни филмови, имаме филмови кои прават една широка лепеза, еден голем пресек на актуелната филмска продукција, конкретно во кусометражна филмска форма. Имаме брилијатни играни филмови, неверојатно доследни дкуметарни филмови и ексклузивни анимирани филмови. Имаме автори од сите меридијани и со тоа „Астерфест“ ја докажа својата мисија за да ги привлекува сите автори, рече Тренчовски.
Првата фестивалска вечер беа прикажани три ексклузивни кратки филма: британскиот „Телефонски повик“ на Мет Киркби, кој доби Оскар оваа година, американскиот документарец „Бела земја“ на Кристијан Јенсен, кој беше номиниран за Оскар и рускиот повеќекратно наградуван анимиран филм „Кокошката“ на Васил Бедошвили. Филмскиот маратон продолжи со уште 4 анимирани филмови и 5 турски кратки филмови од програмата „Мувиленд“. Официјалното жири кое ќе ги оценува филмовите во компетиција е составено од: Јанко Баљак – режисер и педагог од Србија, Борис Мисирков – директор на фотографија и менаџер од Бугарија, и Атанас Чупоски – филмолог и писател од Македонија.