AMD Strela

 

На „Астерфест“ интересни филмски остварувања од „Глобална фикција“

На „Астерфест“ интересни филмски остварувања од „Глобална фикција“
Објавено на: 28 May 2015

По денешниот традиционален Астер портрет и по Тивериополските филмски беседи за лауреатите Киро Урдин и Боро Стјепановиќ во Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Велјуса, на програмата на „Астерфест“ вечерва е проекцијата на кратки играни филмови од програмата „Глобална фикција“ составена од шест интересни филмски остварувања.

Во „Даб плеј“ во мрачниот паб, Били се запознава со Стеван, платен убиец. Со пијалак и во опуштена атмосфера, Стеван му зборува за својата последна работа и за тоа како се нашол во пабот.

„Дизни рамала“ е приказна за татко и син во Рамала, соочени со суровата реалност во текот на Втората интифада. Двајцата се обидуваат да создадат паралелна, измислена реалност, оптимистичка и магична. Додека Рабија, таткото, има проблеми со израелската војска, неговиот син сонува да оди во европскиот Дизниленд за својот роденден. Тогаш таткото одлучува да ги земе работите во свои раце и да создаде домашен алтернативен универзум за својот син.

Во „Ние не сме пријатели“ се поставува прашањето „што би сториле ако треба да го отпуштите својот најдобар пријател?“ Во таква ситуација се наоѓа Хулио (млад бизнисмен од навидум добра компанија) кога дознава дека Санти, заедно со дваесет и четворица други вработени во неговата служба, треба да биде отпуштен од работа. Неговиот шеф и пријател, Макс, се обидува да го советува како да се справи со ситуацијата, но набрзо станува сè позаплеткано. Ова е краток филм кој има за цел да ги истражи границите меѓу пријателството и работата... Ако воопшто постојат.

Приказната во „Пештерата“ го следи младиот басист Адам низ контрастните пејсажи на Каиро. За Адам, како припадник на работничката класа можностите се ограничени, а градот е арена каде силните преживуваат, а слабите умираат крај патот.  Адем има обид да направи музичка кариера, но и да внесе нов живот во старото пријателство со бендскиот колега Амер. Во светот кој постојано се менува, вклопувањето е најтешко.

Во „Повеќе од два часа“ дејствите започнува во три часот по полноќ, а момче и девојка лутаат низ градот. Бараат болница за лекување на девојката, но тоа им оди многу потешко одошто очекувале...

Во „Случајно“ на неколку часа пред Нова година, сосед оди да побара сол од една постара госпоѓа. Одеднаш ја убива. И сега целата негова фамилија која се собира да ја прослави Новата година, треба да реши што да се прави и кој е виновникот.

Официјалната програма на единаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ продолжува и утревечер (петок, 29 мај) во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.

Филмската програма која се проектира утревечер е составена од шест интересни кратки документарни филмови од програмата „Ѕвездени документи“.

Краткиот документарен филм на нашиот Перо Кованцалиев е филм за личност позната како „Вујче“, кој е роден и живее во Гевгелија.  За тоа како тој се прилагодува на моменталните прилики и неприлики, барајќи го својот извор за егзистенција и удобност. Животните кризи и луксузи на еден локален газда на кафуле и поранешен казино работник.

Рускиот документарец „Живеј, војнику, живеј“ на Кирстен Гајнет е пред се филм за Газиз кој го поминал целиот свој живот на село. Во 1986 година бил пратен во регионот на чернобилската катастрофа за санирање на последиците од несреќата. По 28 години, конечно добива стан во селото. Газиз нема жена, нема деца, а неговата здравствена состојба е влошена. Си ја има само мајка си и својот празен стан.

Италијанскиот „Животински парк“ е документарец на авторската група АФЕА. Од 1996 година, ДР Конго е во постојана воена состојба. На источната граница на земјата се наоѓа најстариот парк на африканскиот континент, Националниот парк Вирунда. Главниот приоритет на менаџментот на паркот е заштитата на природата, а за да се исполни таа цел, ренџерите палат цели села, убиваат луѓе и силуваат жени.

Романскиот документарец „Како сакате“ на Паола Онет поставува повеќе луцидни прашања. Ако треба да изберете само една ваша фотографија по која следните генерации ќе се сеќаваат на вас, која би ја избрале? Овој филм спојува приказни од луѓе кои се соочуваат со своите надгробни фотографии додека се сè уште живи, а публиката ги гледа гробиштата како јавен фотоалбум и жив социјален документ.

Холандскиот „Нема ништо недоречено“ на Ане Маријке Графманс е документарец за Вим кој доживува мозочен удар пред осумнаесет години. Оттогаш страда од она што се нарекува „синдром на изолација“, што значи дека не е во состојба да зборува или да се движи. Во последните неколку години живее дома и за него се грижи сопругата. За да ѝ овозможат на својата мајка слободен викенд, тројцата синови, Вил, Едвин и Брам, ја преземаат грижата за таткото. За првпат, четворицата мажи целосно зависат еден од друг со денови.

Документарниот компетитивен филмски блок завршува со проекцијата на германскиот „Хакие-Хаки“ на Анабела Ангеловска, интересна авторка со македонско потекло. Таа направила филм за 71-годишната Хакие која многу решително води „машки живот“. Хакиевите секојдневни обврски во албанските планини се утврдени од архаичната поделба на улогите на мажите и жените и ни овозможува да видиме дека категоријата „пол“ во голема мера е социјална структура. Дали Хаки е маж или жена? Хаки е „бурнеша“, заколната девица.

Фестивалот продолжува во сабота претпладне во 11,30 часот со работилницата на Боро Стјепановиќ насловена како „Игра – посебноста на филмското актерство во однос на другите драмски медиуми“.

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK