AMD Strela

 

Утревечер прогласување на победниците на „Астерфест“

Утревечер прогласување на победниците на „Астерфест“
Објавено на: 29 May 2015

Единаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ продолжи денес претпладне со филмската средба во Домот на АРМ, која меѓународните филмски гости ја имаат со претставниците на локалната самоуправа од Струмица.

Вечерва официјалната филмска програма продолжува во 19,30 во НУЦК „Антон Панов“ со проекциите на шест ексклузивни кратки документарци во категоријата насловена како „Ѕвездени документи“.

Првиот филм од овој филмски блок е македонски краток документарен филм за личност позната како „Вујче“, кој е роден и живее во Гевгелија.  За тоа како тој се прилагодува на моменталните прилики и неприлики, барајќи го својот извор за егзистенција и удобност. Животните кризи и луксузи на еден локален газда на кафуле и поранешен казино работник.

Рускиот „Живеј, војнику, живеј“ на Кирстен Гајнет е документарец за Газиз кој го поминал целиот свој живот на село. Во 1986 година бил пратен во регионот на чернобилската катастрофа за санирање на последиците од несреќата. По 28 години, конечно добива стан во селото. Газиз нема жена, нема деца, а неговата здравствена состојба е влошена. Си ја има само мајка си и својот празен стан.

Италијанскиот „Животински парк“ на авторската група АФЕА е документарец за ДР Конго која од 1996 година е во постојана воена состојба. На источната граница на земјата се наоѓа најстариот парк на африканскиот континент, Националниот парк Вирунда. Главниот приоритет на менаџментот на паркот е заштитата на природата, а за да се исполни таа цел, ренџерите палат цели села, убиваат луѓе и силуваат жени.

Романскиот „Како сакате“ на Паула Онет е документарен филм кој го поставува прашањето  „Ако треба да изберете само една ваша фотографија по која следните генерации ќе се сеќаваат на вас, која би ја избрале?“ Овој филм спојува приказни од луѓе кои се соочуваат со своите надгробни фотографии додека се сè уште живи, а публиката ги гледа гробиштата како јавен фотоалбум и жив социјален документ.

Холандскиот „Ништо нема недоречено“ на Ане Маријке Графманс е документарец за Вим кој пред осумнаесет години има доживеано мозочен удар. Оттогаш страда од она што се нарекува „синдром на изолација“, што значи дека не е во состојба да зборува или да се движи. Во последните неколку години живее дома и за него се грижи сопругата. За да ѝ овозможат на својата мајка слободен викенд, тројцата синови, Вил, Едвин и Брам, ја преземаат грижата за таткото. За првпат, четворицата мажи целосно зависат еден од друг со денови.

Германскиот „Хакие-Хаки“ на Анабела Ангеловска е документарец за 71-годишната Хакие која многу решително води „машки живот“. Хакиевите секојдневни обврски во албанските планини се утврдени од архаичната поделба на улогите на мажите и жените и ни овозможува да видиме дека категоријата „пол“ во голема мера е социјална структура. Дали Хаки е маж или жена? Хаки е „бурнеша“, заколната девица.

Утре (сабота, 30-ти) во 11,30 во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ проф. Боро Стјепановиќ на Астерфест држи работилница за посебноста на филмското актерство (интермедијална игра, модалитети, разлики, специфики и споредби на филмската глума во однос на другите медиуми – ТВ, радио и театар...).

Прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите за филмовите во конкуренција ќе биде утревечер во 19, 30 час. во големата сала во НУЦК „Антон Панов“. Во чест на лауреатите ќе има проекција на документарецот на Киро урдин „Две времиња“. Во својата постојана потрага и страст за Африка, светскиот режисер Киро Урдин го завршил својот најнов, трет филм инспириран од дивината на Африка. Тоа е долгометражен уметнички филм сниман на локации во Масаи Мара, Кенија. Актерите се лавови, хиени, гнуа, слонови, павијани, зебри итн. Луѓето играат улоги на статисти во овој возбудлив филм за еденпаралелен универзум на секојдневниот живот на дивите животни, живот од кој лесно можеме да се препознаеме самите во секојдневната борба за опстанок во нашето високоцивилизирано општество. Две времиња ја освои главната награда „Џиновска панда“ на Шестото издание на Меѓународниот фестивал за животни и природа кој се одржа во Јаан, Кина

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK