Македонскиот режисер Владимир Блажевски и српскиот актер Славко Штимац се годинешни лауреати на осмиот интернационалниот филмски фестивал "Астерфест". Владимир Блажевски (роден 1955 год.) е овогодинешен добитник на наградата Астер за високи достигнувања во авторскиот филм. Тој е меѓународно признат режисер и сценарист, професор е на факултетите за драмски уметности во Скопје и Белград. Има добиено Златна арена за режија во Пула, Кристален глобус во Карлови Вари, Сребрен медал за режија во Белград и низа други престижни награди. Меѓу другото, автор е на кратките документарци "Среќна нова година", "Икар" и "Врати на бескрајот", на долгометражните играни филмови "Хај-фај", "Булеварот на револуцијата" и "Панкот не е мртов", кој беше македонски кандидат за Оскар и др. Ги напишал сценаријата за "Џипси меџик" и "Големата вода".
Славко Штимац (роден 1960 год.) е овогодинешен добитник на специјалното признание на Астерфест и Тивериополската филмска алијанса за високи достигнувања во филмската уметност. Тој е меѓународно познат актер кој уште како дете ја започна својата филмска и телевизиска кариера. Дебитира во 1972 год. во филмот "Волк самјак", продолжува во "Возот в снег" и "Салашот во Малиот рид", потоа во "Специјално воспитување", "Се сеќаваш ли на Доли Бел", "Подземје", "Животот е чудо", "Буик ривиера" и други. Играл во филмови на Бауер, Кустурица, Марковиќ, Шијан, Пекинпо и кај други режисери, а неговите актерски креации и филмови се наградувани во Кан, Венеција, Пула, Сараево и на многу други меѓународни фестивали.
Фестивалот ќе се одржи од 25 до 29 мај во Струмица, под мотото "Одисеја 2012". Отворањето ќе биде во Центарот за култура "Антон Панов", а настани ќе се одржуваат во летниот Амфитеатар и во Вељуса. Организаторите најавуваат дека при крај е составувањето на програмата со креативни документарни, кратки играни и анимирани филмови.
Фокусот на селекцијата "Мувиленд" е на руските кратки филмови, а новитет во програмата е установувањето на наградата за најдобро сценарио, која ќе го носи името "Ѓорги Абаџиев", а ќе биде одржана и работилница за филмско сценарио.
"Астерфест" го организира Тивериополската филмска алијанса.