Со нова провокативна фотосесија, три нови песни и три нови видео спотови за истите атрактивната фолкерка Сузана Гавазова ќе ги почести нашинците во Австралија. Стандардно и оваа фото сесија Гавазова ја работеше со нејзиниот долгогодишен и проверен соработник Томе Табанов кој овој пат беше задолжен и за видео приказните на трите нови песни.
Фотосесијата е работена во Струмица, а фотографиите се наменети за обвивките на двете нови изданија кои Сузана ги подготви за нејзината публика во Австралија. Овој пат таа реши своите обожаватели да ги израдува со ново аудио ЦД на кое покрај трите нови песни ќе се најдат и дел од нејзините најнови хитови кои досега не беа ставени на едно место.
Освен аудио ЦД то таа подготви и ново ДВД на кое ги има видео спотовите на новите три песни и уште неколку кои беа снимени во текот на оваа година. Преку големата бара, Гавазова заминува идната недела и ќе нема воопшто време за одмор бидејќи веднаш по пристигањето започнува со настапите за кои вообичаено имало огромен интерес.