Вaландовчани за три часа успеаја да ги споберат неопходните 2.000 потписи, за да и наложат на Општина Валандово да организира референдум за рудникот за бакар Казандол, информираше денеска граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“.
И покрај тоа што веќе е собран неопходниот број на потписи, од иницијативата информираа дека собирањето потписи сепак ќе продолжи до 14 часот, по што потписите веднаш ќе се однесат во Општина Валандово и кај претседателот на Советот на Општината.
Иницијативата донесе одлука за собирање потписи откако Советот на Општина Валандово не донесе одлука за референдум против работењето на Казандол, како што предложи „Спас за Валандово“ претходно. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано минатата седмица.
Во валандовско веќе интензивно се гради Казандол, чиј директор тврди дека со технологијата што ќе ја инсталираат нема да ја загадуваат животата средина.
За Казандол идниот месец ќе се изјаснуваат и жителите на Богданци, кои на последната седница донесоа одлука за одржување референдум за или против рудници. Советот на оваа Општина, за разлика од тој во Валандово, ја прифати граѓанската иницијатива за референдум.
На референдум во април граѓаните на општина Гевгелија речиси едногласно донесоа одлука против отворање на два рудника за злато на планината Кожуф.