Последниот ден на Меѓународниот фестивал на краток филм “Астерфест”, како што е тоа практика и претходните години, е одбележан со една релаксирана атмосфера, кога веќе се доделени наградите, и како можност публиката целосно да се посвети на уживањето наречено – филм. Како мала новина оваа година е прикажувањето на кратки филмови од Меѓународниот филмски фестивал на краткометражни филмови во Оберхаузен, Германија. Практично, фестивалот во Оберхаузен, покренат во 1954 година, е еден од најстарите светски фестивали за краток филм. На тој фестивал своите филмски почетоци ги имале многу, подоцна реномирани, филмски уметници како Милош Форман, Иштван Шабо, Роман Полански и многу други. Фактот што на едно фестивалско издание во Оберхаузен се прикажуваат околу 400 филмови, само по себе зборува за сериозноста и големината на фестивалот. И токму затоа овој познат фестивал функционира како своевидна “платформа” на европскиот и светскиот краток филм. Со почеток во 19.30 часот, како избор на наградени филмови од Оберхаузен, а во вкупно траење од деведесет минути, беа прикажани седум филма: “Венусија” на Луис Карин, едно филмско истражување на феноменот женскост отелотворен како нежност, но и како суровост; “Ден пред крајот”, филипински научно-фантастичен филм во режија на Лав Диаз; бразилскиот филм “Измиени раце” на Луис Корсер, еден обид за критичко гледање на манипулативноста на меѓународните корпорации во сиромашните земји; “По цел ден”, четириминутен филм на Андреас Хофштетер, на тема – интернет; “Таа чија крв се згрутчува во моите гаќи” на Вика Ќиршенбауер, користење на современите воени технологии да се актуализира и да се зборува за интимноста на телото; “Телефонска централа” на Сара Дрет, филм кој се занимава со случувањата во Турција додека се пишува нејзината историја; и филмот “489 години” на Хајон Квон, истражување на компјутерските технологии преку кои еден поранешен јужнокрејски војник се враќа во минатото.
Повеќето од прикажаните филмови на тринаесеттото издание на “Астерфест” беа европски филмови, но, се разбира, тука беа и филмови од други простори и континенти. Како што наведува селекторот Атанас Чупоски во брошурата за фестивалот, селекцијата на овогодинешниот избор во прв план ги има пред се професионалните стандарди: вештината на нарација, мајсторството на режијата и камерата, актерската игра, анимацијата, продукцијата итн. Може да се резимира дека беа понудени филмови за различни вкусови. Видлива беше стилската различност помеѓу прикажаните филмови, од оние кои беа фокусирани на мајсторството во филмското раскажување, честопати посегајќи и по експериментот, до оние кои не беа толку оптоварени со технологијата на филмот како естетски феномен, ами во голема мера се обидуваа да го изнесат надвор, на виделина, етичкото како категорија која како да е по малку подзаборавена денес. Многу нови познанства се склопија меѓу филмаџиите, за некои откривањето на Македонија беше откривање на нова земја, а за некои, како италијанската режисерка Елена Мелончели, само истражување на една, веќе одамна откриена, филмска земја.
Би тринаесеттиот “Астерфест”! До следните приказни, човечки и филмски, до следните патешествија земски и неземски, до идните филмски чуда – наредната година!