На клупата на прволигашот од Струмица, повторно ќе седне Власис Влаикидис, доста добро познат на струмичката кошаркарска јавност, човекот кој на овој град му ја подари првата кошаркарска шампионска титула.
Новиот-стар тренер на Струмица има работено и во повеќе второлигашки клубови во Грција, но сепaк врвот на неговата кариера беше токму освојувањето на шампионската титула со КК Струмица 2005.
Во изминатиот период, Влаикидис беше и во Јапонија, каде две години работеше во клубови од првата лига, а во последно време беше доста виден во спортските сали низ Струмица. И тоа како дел од проектот на школата „МВП“, каде се води и како еден од основачите, дел од луѓето кои го превземаа раководењето на прволигашот, и кои му ја дадоа довербата да почне со една вистинска трансформација на клубот кој во последните неколку сезони бележеше резултати под очекуваните.
Неговата промоција треба да се случи во текот на оваа седмица, но јасно е дека Струмица „врти нова страница“ во своето „секојдневие“, а првиот потег е токму именувањето на грчкиот стручњак во шеф на стручниот штаб.