Пред спомен обележјето што општина Струмица го подигна во чест на четворицата храбри граѓани кои животите ги загубија во борбата со огнената стихија, беше одбележана 5-годишнината од големиот пожар во близина на месноста „Двата пата“. На одбележувањето, покрај семејствата на загинатите присуствуваа и цвеќе положија претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов и претставници на Територијалната професионална противпожарна единица на Струмица. Потсетувајќи за овој трагичен настан, Христов порача, вакво нешто никогаш да не се повтори.
-Денес се навршуваат пет години од оној 23 јули 2012 година, кога поради човечка грешка избувна пожар на ридот над Струмица. Тој пожар во близина на месноста „Двата пата“, иако на почетокот не изгледаше толку опасно, поради временските прилики се претвори во голема огнена стихија која се закануваше да им наштети на куќите и на другите материјални добра на периферијата од градот. Во обид да се справат со големите огнени јазици, повеќе наши сограѓани се здобија со тешки повреди, а четворица од нив трагично ги загубија своите животи. Спомнувајќи си за овој трагичен настан, а во чест на нашите сограѓани – браќата Перо Стојанов и и Блажо Стојков од Рич, Војо Гркљанов од Вељуса и Мите Ѓеоргиев од Струмица, се собравме и денес пред спомен обележјето што општина Струмица го подигна како вечен незаборав за своите четворица храбри сограѓани, да положиме свежо цвеќе, но и повторно да си дадеме завет дека она што се случи пред пет години, никогаш повеќе не смее да се повтори, рече Христов.
Во попладневните часови, свежо цвеќе беше положено и пред спомен плочата на местото на трагичниот настан во близина на „Двата пата“.