На денешната седница на советот на општина Ново Село на која требаше да се донесе одлука за распишување на референдум за или против работата на рудникот Иловица, на нашата екипа на најгруб можен начин не и’ беше дозволено да го снима излагањето на градоначалникот Блажо Велков, кој инсистираше да се исклучи камерата.
Станува збор за јавна седница на која што приствуваа и членови на иницијативата Спас за Струмица. Градоначалникот Велков ја прекина седницата со образложение дека може да се продолжи со понатамошно снимање само тој ако даде дозвола. На реакцијата на нашата екипа дека нема никаква основа за тоа, реагираше советникот на ВМРО ДПМНЕ, Божин Јованов којшто во неколку наврати ја опцу нашата новинарка Стојне Митева и упати погрдни зборови кон нашиот снимател Кире Пиличев.
Сметаме дека ваквиот однос на градоначалникот и на дел од советниците заслужуваат најостра осуда и бараме јавно да се извинат за недоличното однесување, искажаните навреди и спречувањето на екипата да си ја врши својата професионална работа, стои во соопштението на ТВ Канал ВИС.