Шестото издание на Струмица ОПЕН фестивал - #направеносољубов ќе започне утре, 3 август на струмичкото корзо. Првата од шестте отворени фестивалски сцени ќе биде поставена пред ЛУ Библиотеката „Благој Јанков – Мучето“.
Фестивалот ќе биде отворен во 21:00 часот со свеченост на која ќе бидат откриени муралите на ликовните уметници Никола Пијанманов и Ване Костуранов.
„Прекрасните мурали ќе го красат лицето на Библиотеката и ќе бидат нов белег не само на зградата туку и на струмичкото корзо“, велат организаторите од Здружението „Културен забавен живот“.
Отворањето ќе биде збогатено со улични уметници и перформанс на бендот Contact 59. Во текот на вечерта ќе бидат прогласени и добитниците на наградите во четирите категории од ФОТО-конкурсот за Струмица во склоп на Струмица ОПЕН фестивал.
Програмата продолжува со настап на Паркети и Sakis Dovolis од 22:00 часот на Леблебиџиска улица.