Во организација на Фудбалската федерација на Македонија, а со поддршка на општина Струмица, попладнето, на фудбалското игралиште со вештачка трева во Струмица се одржа Трофеј турата како дел од промотивните активности за Скопје Супер Куп 2017 кој ќе се одигра на 8 август во Скопје.
Целта на оваа тура беше да им се овозможи на сите заинтересирани љубители на фудбалот да се фотографираат со трите највредни трофеи на УЕФА, Супер Купот, УЕФА Лигата на шампионите, како и УЕФА Лига Европа.
На овој несекојдневен настан учество зедоа поголем број деца од локалните клубови кои играа фудбалски игри на различни делови од игралиштето. Учесниците и посетителите ќе ги поздрави вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.
-Драги дечиња од струмичките фудбалски клубови, денес Фудбалската Федерација на Македонија во соработка со Општинскиот фудбалски сојуз – Струмица, ви овозможува да бидете дел од фудбалските игри со кои го промовирате одржувањето на големиот Супер Куп кој ќе се одржи во нашата Македонија. Истовремено, ни се укажува исклучително убава и ретка можност, да ги видиме одблиску и да се фотографираме со трите највредни трофеи на УЕФА, трофеи кои високо биле кренати од рацете на најголемите европски и светски фудбалски ѕвезди, меѓу кои е и нашиот струмичанец – Горан Пандев. Ви посакувам драги дечиња да уживате во денешните фудбалски игри, и ве советувам, никогаш да не престанете да сонувате. Можеби ќе дојде ден кога некој од овие трофеи ќе се најде и во вашите високо кренати раце. Да го празнуваме фудбалот денес, а на 8. август сите да се гордееме што Скопје и Македонија се центарот на вниманието на фудбалска Европа, рече Костадинов.