На инцијатива на граѓанското здружение „Здрава котлина“ в недела во општина Босилово ќе се одржи референдум за или против изградбата на рудникот за бакар и злато Иловица, чиј инвеститор е канадската компанија „Еуромакс ресурсис“.
Граѓаните на Босилово и населените места ќе се изјаснуваат по две референдумски прашања: првото е дали се за или против отворање на рудникот за бакар и злато „Иловица“, а второто прашање е дали се за или против отворање на рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територијата на општина Босилово. Граѓаните ќе се изјаснуваат на 19 избирачки места, а од вкупниот број запишани избирачи-12.018 на последните парламентарни избори во декември лани, половината плус еден треба да излезат на гласање за да успее референдумот.
Досега референдуми против отворање на рудници се одржаа во Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово. Од досега одржаните само на референдумот во Валандово немаше доволна излезност на граѓаните. До крајот на месецов референдум треба да се одржи и во општина Ново Село.
Фото: архива