Со пригодна програма која што се одржа пред споменикот на Гоце Делчев на истоимениот плоштад, општина Струмица го одбележа 8 септември – Денот на независноста на Република Македонија. За значењето на овој голем празник на македонската историја, зборуваше вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.
-Денес е ден кога душите и срцата ни се исполнети со возбуда, љубов и гордост. Денес е ден кога родољубието го ставаме на пиедестал. Денес е ден за празнување, за славење, за кренати чела. Денес во зениците на нашите очи доминира црвено-жолтата боја, бојата на нашето постоење. Денес ја славиме татковината и нејзината самобитност. Денес славиме нешто заедничко, нешто што се вика Република Македонија. Тоа е земјата на нашите стремежи и копнежи, земјата на нашите подеми и падови, земјата на нашите победи и порази, радувања и разочарувања, земјата на нашето вчера, нашето денес и нашето утре. Тоа е земјата на нашите прадедовци, дедовци и татковци, тоа е земјата на нашите деца, внуци и правнуци, тоа е нашата Македонија. И токму за таа наша земја, собрани сме овде, на пригоден начин да го одбележиме Денот на нејзината независност. Денешниот ден ги прави горди и одважни сите граѓани кои битисуваат на ова парче од балканската питомина и ветрометина, но и сите оние кои со телото се во земјите од дијаспората, ширум светските меридијани, но со мислите се во својата македонска родна грутка.
Осми септември е еден од најзначајните датуми од историјата на Македонија, датум кој го сонувале многу генерации Македонци низ децениите и вековите наназад. За нив тоа било недосонуван сон , бидејќи ѕидот меѓу сонот и јавето на Македонецот, многу пати го ѕидале туѓи поробувачи и асимилатори. Склопувањето на коцките од историјата , стремежот кон самобитноста и љубовта кон татковината го создадоа тој ден, а ние сегашните генерации Македонци ја имавме таа среќа да бидеме сведоци на тој осмосептемвриски светол чин на осамостојување, но и да бидеме славеници на 26-годишнината од исполнувањето на желбата, да бидеме свои на своето, рече Костадинов.
По полагањето на свеѓо цвеќе пред споменикот на Делчев, се одржи и мал митинг на револуционерна поезија во изведба на членови на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“.