Седумнаесетгодишен ученик од трета година од Средното училиште „Димитар Влахов“ од Струмица загинал за време на паузата за големиот одмор во претпладневната смена. Тој се лулал на конструкцијата од кошот на игралиштето, кое се наоѓа пред самиот влез во училиштето. Во еден момент се отпуштил од конструкцијата и паднал. Веднаш бил пренесен во струмичката болница, која од училиштето е оддалечена неколку стотина метри. Според инфрмациите оттаму момчето било донесено мртво. Пред болницата имаше повеќе блиски и пријатели на момчето кои со силен плач тагуваа по него.
Трагичниот настан го потврдија и од МВР, од каде информираа дека несреќата се случила при детска игра. Местото на несреќата го обебедуваше полицијата, а увид извршија увидни екипи на СВР Струмица и јавен обинител од ЈО Струмица.
Загинатиот ученик е од селото Босилово. Во училиштето веднаш по несреќата пристигна и вд градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Граѓаните кои живеат во непосредна близина на училиштето не сакаа да зборуваат за несреќата, со образложение дека не виделе и само ја забележале мешаницата пред ученикот да биде пренесен во болницата.Додаваат дека професори се обиделе да го реанимираат, но и дека возилото на итната медицинска помош пристигнало бргу.
Р.Т.