Делегацијата од градот Електростаљ од Московската област на Руската федерација, која втор ден престојува во општина Струмица, денеска, оствари средба со вршителот на должноста градоначалник, Костадин Костадинов и неговите соработници. На средбата, домаќините и гостите разговараа за досегашната соработка и нудеа идеи и предлози за нејзино продлабочување и проширување во повеќе области. Посебен акцент беше ставен на туризмот и двете страни ги разгледуваа можностите за реализација на првите туристички чекори. Гостите, кои досега неколку пати престојуваа во општина Струмица го нагласија задоволството од нејзината туристичка понуда, а градоначалникот Костадинов, ја потенцираше подготвеноста на Општината и нејзините расположливи капацитети за прифаќање на туристите од Московската област. На средбата се разговараше и за поголемо активирање на економската соработка, бидејќи за неа и од двете страни има и голема желба и можности.
Во рамките на оваа посета, вечерва со почеток во 19,30 часот во летниот амфитеатар во градскиот парк, двете гостинки – вокални солистки од делегацијата на Електростаљ, ќе одржат концерт за граѓаните на Струмица.