AMD Strela

 

Откупната награда на „Транзен“ за Александар Иванов

Откупната награда на „Транзен“ за Александар Иванов
Објавено на: 19 Sep 2017

На конкурсот за сликарство и откуп на ликовно дело кој го организира Здружението за култура Транзен, во рамките на концептот “Несовршен простор” за групна изложба на македонски современи сликари и поддршка на активни автори од Република Македонија, првата откупна награда ја доби сликарот Александар Иванов за сликата “Извор” (70 x 50 см. комбинирана техника на хартија).

Паричната награда изнесува 30 000 денари. Уметникот покрај паричната награда ќе добие и симболична креација Златен лист изработена од месинг, во чест на уметникот, великанот на македонското сликарство Владимир Георгиевски.

Сликата “Извор” на Александар Иванов е суптилна фигуративна претстава на ангел кој свири (гласник) која изобилува со раскошен колорит и прецизен естетски цртачки пристап. Фигурата на ангелот е насликана во еден ритам, како вибрации од звуци, а целата атмосфера во сликата е налик на небесна музика. Делото духовно комуницира со старите средновековни мајстори, кои на еден специфичен начин, со детски и чеден пристап ги живописаа боженствените претстави на небесните суштества во храмовите. Но детската наивност овде е издигната во симбол, знак, кој со еден реалистичен, високоестетски оформен ликовен јазик, аналитички ја гради архитектурата на сликата. Александар Иванов е автор кој успешно ги поврзал сакралното и земното, реалното и апстрактното во своето сликарство.

Александар Иванов е роден во Штип 1978 год. Дипломирал на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје во класата на Родољуб Анастасов. Живее и работи во Штип како слободен уметник, целосно посветен на сликарската уметност.

За доделувањето на наградата едногласно одлучија: Александар Дончев – фотограф, Никола Пијанманов – ликовен уметник, Далибор Плечиќ – книжевник.

Делото на Александар Иванов ќе биде дел од изложбата “Несовршен простор” на која беа селектирани деветнаесет уметници. Изложбата ќе биде отворена на 26 октомври во Галерија на Музеј Струмица.

Проектот е во рамките на Г1 програмата на општина Струмица за поддршка на граѓански организации.

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK