Здружението за култура Транзен по втор пат организира монографско ретроспективна изложба, овојпат за познатиот ликовен уметник од Струмица, Бранко Кончалиев (1949 – 2016 год.). Како еден од главните приоритети на организацијата Транзен, да се истражуваат и промовираат творештвата на старите ликовни мајстори кои твореле и живееле во градот Струмица и овојпат се издава монографија со наслов “Растворена Стварност”, со над педесет репродукции во боја, на македонски и англиски јазик, со биографија и текстови за уметникот. Покрај монографијата се подготвува и ретроспективна изложба во која ќе бидат застапени дела во различни техники од повеќе периоди. Подготовките за реализација на проектот траеја осум месеци, а главен организатор на изложбата и книгата е ликовниот уметник Никола Пијанманов.
Трајче Бјадов ќе запише во монографијата:
„Уметникот не ја допира четката со рака, ниту со волјата, туку со неговото его, кое е посилно од физичката снага на неговата волја“.- ќе напише на едно место Бранко Кончалиев, произнесувајќи се за акварелот. Но, да се третира Бранко Кончалиев единствено како акварелист, и покрај огромната љубов што тој го негува кон акварелот, е неправда и поедноставување, што во оваа пригода, која бара еден посистематизиран поглед и преглед на неговото творештво, не смееме да си го дозволиме. Сепак, напорот да се систематизира неговото творештво, кое се протегнува на повеќе од четири децении, се соочува со опасноста од произволности и непрецизности, од едноставна причина што уметникот, меѓу овие страници, за прв пат добива естетска валоризација, а добар дел од творештвото ќе остане непознато и несистематизирано- и во таа смисла „изгубено“- затоа што Кончалиев бил плоден автор, многу сликал, но и многу продавал и подарувал. Тој обичај да ги продава и подарува своите дела, без да води евиденција, во овој случај станува пречка за темелен увид и целосно и исцрпно претставување на неговото творештво, па затоа ќе се задржиме на она што ни е познато и врз основа на тој примерок, ќе носиме заклучоци за севкупниот опус. Имало периоди во неговиот живот, кога од егзистенцијални причини, творел многу за да продаде, правејќи нужни компромиси со афинитетите и вкусовите на актуелниот момент. Но, дури и во таквите случаи, останува свој и препознатлив, по изградениот израз и односот кон бојата, формата, светлината и мотивите.
Бранко Кончалиев е роден во Струмица 1949 година. Тој е една од најмаркантните фигури на ликовната култура во градот и земјата. Ќе помине низ повеќе ликовни развојни фази во богатиот творечки живот. Се занимавал и со педагогија преку која ќе насочи и обучи многу млади уметници во Струмица. Неговото ателје во центарот на Струмица е своевремена лабораторија за развој на ликовната култура и уметничките влијанија во градот. Почина 2016 година и зад себе ќе остави стотици дела кои се наоѓаат низ повеќе колекции во државата и во странство.
Изложбата ќе биде отворена на 27 септември во Галерија Музеј Струмица.