Во преполна сала во центарот за култура „Антон Панов“ и еуфорична и победничка атмосфера, синоќа, се одржа конфенцијата на која беа промовирани кандидатот за градоначалник на општина Струмица, д-р Коста Јаневски и кандидатите за членови на Советот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Коалицијата.
Во своето обраќање, носителот на советничката листа, Марјан Даскаловски, рече дека на 15. Октомври, нема ништо посебно да се смени, ќе се сменат само имињата на градоначалникот и на најголемиот дел од советниците, но она што ќе остане исто е победникот на изборите. Се разбира тоа и овој пат ќе биде СДСМ и коалицијата.
-Да се биде струмичанец, треба Струмица да ти биде дел од душата. Струмица треба да се сака, да се почитува и да се чува. Тоа не се прави со зборови, туку со конкретни работи. За мене знам, дека со гордост го носев дресот на струмичкиот фудбалски клуб „Беласица“, дека со години ги бранам интересите на струмичкото ловно друштво „Беласица“, дека за Струмица се борев и кога бев советник, и кога бев претседател на Советот на општина Струмица, и кога бев пратеник во Собранието на Република Македонија, но секојдневно се борам за мојата општина и преку мојата партија, како претседател на Општинската организација на СДСМ.
Така ќе биде и во иднина. Заедно со идниот градоначалник на општина Струмица, доктор Коста Јаневски и со мнозинството советници од СДСМ, ќе се погрижиме убавата наша општина Струмица да ја направиме уште поубава, а нејзините граѓани, сите до еден, да имаат живот по нивна мерка. Тоа го посакуваме. Тоа го знаеме. Тоа го можеме. Во тие наши намери, ја повикувам уште сега и опозицијата, да биде конструктивна и кооперативна и да даде свој придонес за иднината на нашата заедничка општина Струмица, рече Даскаловски.
Со громогласен аплауз за силна поддршка беше поздравен кандидатот за градоначалник на општина Струмица, д-р Коста Јаневски. Тој вети дека ќе ја продолжи успешната приказна на Струмицави со над 20 капитални, како и стотина помали проекти кои ќе им го подобрат животот на сите граѓани, но ќе и даде нов импулс, нова визија, енергија и сила.
-Кога ве гледам вака собрани, сплотени, единствени, кога ја гледам вашата огромна поддршка, сигурен сум во уште една голема, четврта по ред победа за Струмица!
За нашата слободарска и европска Струмица!
Лулката на демократијата, на слободното граѓанско општество!
Дванаесет години покажавме и докажавме како се сака својата општина, како се работи и како се стекнува довербата на граѓаните. Затоа, вечерва стојам гордо пред вас и со голема чест ја барам вашата поддршка за Општината во која чука срцето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Го прифатив овој голем предизвик, затоа што ве имам ВАС, храбри и одлучни, заедно да продолжиме по патот што ни го отвори човекот кој што ја врати надежта во Македонија. Човекот кој што даде огромен влог во Струмица и ја направи најпосакувано место за живеење, сегашниот премиер, ЗОРАН ЗАЕВ! Ќе ја продолжам успешната приказна, но ќе и дадам нов импулс, нова визија, нова енергија и сила. Ќе го вложам целото моето искуство и професионално и политичко, чесното и одговорно работење. Ќе го слушам Вашиот глас и Општината изградена по мерка на граѓаните, ќе стане пример на отворена и услужна општина во која секој ќе биде подеднакво важен. Со години наназад бев чувар на вашето здравје, сега ви нудам ЖИВОТ, ЗА СИТЕ ВО СТРУМИЦА, рече Јаневски.
Фото: Радио Струмица Нет