Интегрален текст од прес конференцијата:
Општина Струмица продолжува да биде сервис на граѓаните.
Со прераспределба на човечките ресурси во администрацијата, со воведување на флексибилно работно време, двосменско работење, електронски систем на услуги и мобилни канцеларии во населените места ќе овозможиме поефтини, побрзи и поквалитетни услуги.
Струмица беше лидер во партиципативниот пристап во носењето на буџетот. Преку собирите во месните и урбаните заедници и форумите на заедницата, граѓаните беа активно вклучени во креирањето на локалните политики. Заедно се утврдуваа приоритетите и се реализираа проектите.
Ќе продолжиме и понатаму да бидеме партнер, со ВАС, ГРАЃАНИТЕ.
Мојот кабинет и Општината секогаш ќе бидат отворени за вашите идеи, предлози, проблеми и сугестии.
Ја враќаме моќта на месните и урбаните заедници, ќе ги опремиме со технички услови и ќе го зајакнеме нивниот правен статус.
Потребите на сите категории граѓани ќе биде приоритет во моето работење.
Ќе изградиме Дом за стари лица, нова детска градинка, центар за целодневен престој на деца од 6 до 10 години, дневен центар за деца со посебни потреби, поддршка и помош за најзагрозените семејства, ќе воведеме јавен превоз.
Ќе ги поддржувам и поттикнувам сите демократски механизми како петиции, преставки, граѓански иницијативи, собири на граѓани, референдуми во интерес на граѓаните на општина Струмица.
Струмица беше прва општина во државата која ги имплементираше ИСО стандардите со што се подобри квалитетот на услужните дејности кон граѓаните. Ќе продолжиме да ги стандардизираме и јавните претпријатија и сите институции под надлежност на Општината, со единствена цел - квалитетна, отворена и услужна локална власт за сите.
Продолжуваме транспарентно, отчетно и одговорно.
Живот во Струмица за сите!