Интегрален текст од прес конференцијата на доктор Коста Јаневски, кандидат за градоначалник на општина Струмица од СДСМ
„Спортот во Струмица има долга традиција и бележи врвни остварувања. Струмица важи за еден од најголемите спортски градови во државата и расадник на млади таленти. Затоа спортот бил и ќе остане наш приоритет. Во наредниот 4 годишен период со 70.000.000 денари ќе ги помогнеме сите активни клубови во Струмица и населените места, со посебен акцент на клубовите кои работат во млади категории.
Ќе продолжиме со дополнителна финансиска помош за сите спортски клубови или поединци кои ја афирмираат општина Струмица на меѓународен план. Обезбедуваме награда од 360.000 денари за секој спортски клуб кој ќе донесе шампионска титула во сениорска конкуренција во Струмица. Месечна дотација за најмногу 15 тренери, по исто толку спортисти и млади спортисти кои работат во спортските клубови по однапред утврдени критериуми. Финансиска помош или помош во опрема за сите регистрирани спортско-рекреативни друштва во општина Струмица. Ќе ги обновиме и реновираме постоечките и ќе градиме нови мултифункционални игралишта во градот и населените места и нови рекреативни терени. Ќе ги обновиме постоечките фудбалски игралишта во населените места каде што активно се игра фудбал. На игралиштето со вештачка трева, ќе поставиме рефлектори и ќе изградиме монтажни трибини и соблекувални. Почитувани граѓани, почитувани спортисти, Во име на спортскиот дух и иднината на спортот во нашиот град, на 15 октомври гласајте за бројот 19.“