AMD Strela

 

Струмичкиот ајвар ја откупи иконата на Богородица Брзопослушничка

Струмичкиот ајвар ја откупи иконата на Богородица Брзопослушничка
Објавено на: 14 Oct 2017

Од 13 март годинава православниот храм „Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици“ е новиот Ерусалим за православните верници од Македонија, но и од земјите во соседството. Причина за тоа е иконата на Богородица Брзопослушничка, чие пренесување во Струмица од Светогорскиот манастир Дохијар предизвика многу внимание. Таа икона е позната по тоа што бргу ги исполнува молитвите на верниците и им помога на болните и немоќните. Само четири копии од оваа икона, која е насликана на ѕидовите во манастирот Дохијар и таму се наоѓа повеќе од 9 векови, се подарени на православни храмови. Еден од тие е храмот „Свети петнаесет“ во Струмица, каде секојдневно, но најмногу за време на викендите, врие од верници, кои сакаат да се поклонат пред иконата и да побараат помош од неа.

Според отец Димитар Крцев, старешина на „Свети петнаесет“, чудата кои ги прави Богородица Брзопослушничка се случиле уште на литијата кога била пренесувана во оваа црква.

-Како што се наближувавме кон „Свети петнаесет“ гледав од едната страна како нашите браќа муслимани заедно плачаат со нас од радост. Тоа беше трогателно. Ако за нас е оправдано да пуштиме солзи радосници, тогаш солзите на нашите соседи покажувата дека Богородица сите заедно ја чувствуваме, вели отец Крцев.

Од пренесувањето на иконата во храмот редици од верници почнале да доаѓаат, а со одлука на црквата 22 декември е прогласен за нов празник во оваа црква посветен на Богородица Брзопослушничка.

-Бројни се чудата кои ги лачи Богородица. Уште на самиот почеток беа дојдени наши браќа Македонци муслимани од Струга. Нивното 18 годишно момче беше немо. Откако заедно со мајка му се поклониле пред иконата и тргнале да се враќаат назад. Момчето се сопна од еден од фундаментите и на цел глас викна мамооо! Тогаш мајката за прв пат го слушнала гласот на своето чедо. Го повика мажот и, кој чекаше надвор, и тројцата се силно се прегрнаа, а на радоста и немаше крај, раскажува отец Крцев.

Додава дека има уште чуда, кои наскоро ќе бидат објавени во книга. Вели дека овој храм со доаѓањето на Богородица Брзопослушничка го зацврстил силниот православен печат во Струмица, кој отсекогаш тука е присутен во „Свети петнаесет“.

Пред неколку години отец Крцев ја почнал мисијата за откуп на чудотворната икона. Со години на ред испраќал вреќи со грав и по 300 тегли ајвар во манастирот Дохијар, кои го подготвувале жените кои служат во црквата. Монасите две години ја изработувале иконата, во која има меѓу другото 36 илјади убоди од златен конец.

-Пред да ја донесеме иконата тука дојде старецот од манастирот за да види дали имаме услови да ја чуваме. Отакако се увери дека ние го практикуваме православието и имаме услови, донесе одлука да ја добиеме иконата. Поради тоа старецот беше мета на напади од солунскиот митрополит, но тој ја одбрани својата одлука со одговор дека Богородица сама побарала да дојде во Струмица, раскажува Крцев.

Кога ја остваривме средбата со старешината на „Свети петнаесет“, имаше поголема група верници од Перник, од Бугарија. Тие имаа и организиран ручек во манастирските конаци. Тивко во ред чекаа да се поклонат пред иконата и секој и ја соопштуваше својата мака. Велат откако разбрале дека во Струмица има таква икона одлучиле да дојдат тука. Секој со својата мака и верба дека чудотворната икона на Богородица Брзопослушничка ќе му помогне.

Отец Крцев раскажуваше и за другите чуда на иконата, кои се случиле во самиот манастир Дохијар.

-Особена е интересна е една приказна за еден монах кој секое утро додека да се раздени, поминувал покрај неа со факел и ја зачадувал Богородица. Таа му реагирала дека не треба да ја зачадува со факелот туку со темјан. Откако не ја послушал едно утро одеднаш ослепел. Другите монаси го натерале да остане таму и деноноќно да се моли за да прогледа повторно. По неколку денови Богородица Брзопослушничка ја прифатила неговата молитва и монахот Нил повторно ги отворил очите, со многу жар и љубов раскажува отец Димитар Крцев.

Досега освен верници од Македонија пред иконата на Богородица Брзопослушничка се поклониле и Романци, Грци, Бугари и Срби. „Свети петнаесет“ е подготвен со своите 80 легла во манастирските конаци да ги пречека сите добронамерници и да ги угости. За нашите верници сместувањето е 400 денари за една ноќ, а за гостите од странство 10 евра.

Ристо Тасев

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK