Безмалку три децении трае изградбата на новиот крак на струмичката болница, кој треба да биде ургентен центар. И покрај тоа што досега многу пати се најавуваше дека изградбата ќе заврши, сепак неколкукатната зграда се уште не е ставена во функција.
Најновите информации се дека во наредните шест месеци треба да заврши изградбата со внатрешното уредување на овој капитален објект, но кога тој ќе почне да функционира никој не може да каже. Засега е неизвесно кога ќе почне да се опремува болницата и одредени одделенија од сегашната болница, кои се дисперзирани на повеќе места во градот, а треба да се преселат во новиот објект.
-Јас сум информиран дека во наредните шест месеци треба да заврши изградбата на објектот со завршувањто на работите за внатрешното уредување. Сметам дека та е голем исчекор, но кога ќе почне опремувањето на болницата засега е неизвесно, односно зависи од миистерството за здравство, вели в.д.директорот на ЈЗУ Општа болница „Струмица“, доктор Наќе Гогов.
Во февруари 2014 година, непосредно пред парламентарни избори, тогашниот премиер Никола Груевски најави дека за два месеци треба да почнат тендерските процедури, нагласувајќи дека идејата е да се направи нов дел на болницата, каде што ќе се сместат ургентното, гинеколошкото и оперативните одделенија.
-Од 1987 година таму има изградено карабина која стои така речиси триесет години и практично ќе дојде со градба од почеток. Можам да потврдам дека освен други работи што ги направивме во сегашната болница, какви што се набавка на голема опрема, сега почнуваме со нов дел, нова болница во Струмица“, рече тогаш Груевски.
Во мандатот на поранешното раководство на струмичката болница завршени се повеќе активности, како што е вадење на имотен лист, распоредување на одделенијата во идниот ургентен центар и други активности. Во програмата на поранешната владеачка партија за периодот од 2014-2018 година беше предивидено новата болница да биде предадена во употреба најдоцна до 2019 година.
Според проценките од порано предавањето во употреба на новата болница би чинело околу 4,5 милиони евра.
Инаку, новиот дел на струмичката болница почна да се гради во далечната 1987 година. Седум години подоцна таа беше запрена, откако на неуспешен референдум струмичани не се согласија да издвојуваат средства за продолжување на изградбата.
Ристо Тасев