Од досегашните вкупно 12.500 поднесени барања за легализација на бесправно изградени објекти до 2011 година во Струмица се решени нешто над 4 илјади. Според Стојан Динев, раководител на Секторот за урбанизам при општина Струмица, ваквото бавно темпо на решавањето се должи на повеќе причини.
-Морам да истакнам дека со најновото продолжување на рокот за поднесување документи за легализирање, кое е трето по ред откога стапи законот во сила, во целост не се согласувам. Можеби за граѓаните е добро, но јас сметам дека може да се реши и на друг начин-со службено излагање и упис во катастарот. Граѓаните се судираат со безброј проблеми при обидот да ги легализираат своите објекти како што се имотно-правни проблеми, немање согласност од соседите, со кои доколку е скаран не му даваат согласност, па се водат судски спорови и оставински постапки. Тоа е многу комплициран начин, вели Динев
.
Додава дека со продолжувањето на рокот некој граѓанин ќе поднесе барање зашто досега заборавил или од други причини не го направил тоа, но тоа не значи дека ќе се решат проблемите до крај со легализацијата на бесправно изградените објекти.
-Иако на прв поглед изгледа дека мал е брајот на решените предмети за легализација (над 4.000), сепак во тие преостанатите поднесени барања, најголем дел од граѓаните само поднеле барање колку да се најде, без да ја приложат потребната документација. Во вториот рок за продолжување ги немаше граѓаните кои поднеле барања за легализација во првиот рок. Има нешто што загрижува како појава. Имено, дел од граѓаните ќе поднесат т.н.„голо барање“ почнуваат да градат некој објект, што е спротивно на законот, бидејќи можат да се легализираат објекти изградени до 2011 година, додава Стојан Динев.
Тој додава дека приходите од легализирањето за општината се минимални. Овие приходи на општината се исклучиво од таксите за легализација и се строго наменски за урбанизација, односно вклопување на бесправно изградените објекти во урбанистичките планови. Со оглед дека приходите доаѓаат на посебна сметка и се должни да поднесуваат извештаи за тоа до миистерството за транспорт и врски, собраните пари се доволни за изработка на неколку урбанистички планови.
Според Динев сега е време да се размислува за наоѓање начин за решавање на проблемот со бесправно изградените објекти. Тој смета дека некогашното законско решение за инвестициско градење дава убаво решение. Тогаш сите бесправно изградени објекти до 1968 година биле изложени и се запишани во катастарот како легални објекти.
-Постоечкиот закон има многу пропсути, како што е на пример можноста да се легализираат секаков вид на објекти-и помошни, и тие со и без врати и прозорци, објекти што не се цврста градба и тн. Комисиите кога излегуваат на терен принудени да донесат заклучок дали објектот е функционален или не, иако е очигледно е дека не одгавара на намената за која одговара, заврши Динев.
Ристо Тасев