AMD Strela

 

Дали е погрешена изградбата на новиот театар во Струмица?

Дали е погрешена изградбата на новиот театар во Струмица?
Објавено на: 26 Oct 2017

Досега актерите од Народниот театар „Антон Панов“ и поклониците на божицата Талија требаше да се изнаиграат и да се изнагледаат претстави во новоизградената стара зграда на театарот во Струмица. Тие на тоа чекаат повеќе од три децении. Стариот театар во осумдесеттите години на минатиот век беш напуштен поради дотраеност, а во два пожари потоа објектот целосно беше уништен.

Реализацијата на иницијативата долга дваесет години и по многу ветувања за враќање на стариот сјај на струмичкиот театар почна да се наѕира во септември 2014 година, во предвечерието на тогашните парламентарни избори. Тогашниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милеска, пратеници и пензионирани актери го означија почетокот на изградбата и обновата на стариот струмички театар со поставување камен темелник. Беше ветено дека инвестицијата тешка 3,6 милиони евра ќе се реализира во наредните 18 месеци. Но, градежните работи заглавија на самиот почеток заради промената на основниот проект за изградба. Тој најпрвин предвидуваше да се гради врз остатоците од стариот театар, но по извршените испитувања, кои не ги задоволиле сеизмичките стандарди, се одлучило да се гради врз нови темели, со задржување на истата квадратура и габарит на објектот како некогашниот.

Тогаш надлежните завршувањето на изградбата и пуштањето во употреба на објектот на театарот го пролонгираа за септември 2016 година, а по техничкиот прием до крајот на 2016 година се планираше да се одигра и првата претстава.

Во една од обиколките и контролата на изградбата на театарот, екс министерката Канческа Милеска во јули лани трите пролонгирани и нереализирани ветувања за завршување на изградбата ги оправда со тоа дека се работи за изградба на објект кој е регистриран како споменик на култрата.

-Стариот струмички театар се наоѓа во едно многу тесно место, во еден џеб што се вели, меѓу голем број на семејни куќи. Тука се наоѓа и детска градинка. Доста се работеше на санирање на двата големи ѕидови, а на почетокот на изработката на проектот се водеше сметка и за археолошките наоди кои беа пронајдени тука за да се заштитат, така што имаше многу потешкотии кои беа надминати. Кога се гради таков објект, посебно таков што е регистриран како споменик на културата, еден театар кој постоел и да се задржи стариот изглед и тоа се оправдани причини за доцнењето. Но, како и да е веќе можеме да го почувствуваме театарот и во првата половина на наред-ната година (2017 н.з.) ќе можеме да го отвориме, рече тогаш министерката за култура.

Во министерството за култура велат дека продолжува изградбата на струмичкиот театар и дека моментно се работи во внатрешноста на објектот на делови од ентериерите.

-Во изградбата на театарот има труи договорни страни. Едната е Националната установа Завод и Музеј Струмица, другата е изведувачот и третата е надзорот. Трите страни излегувале надвор од договорот и си правеле „времени ситуации на времени ситуации“ и ја искомплицирале работата меѓу себе. Ние им предложивме да се договорат меѓу себе и да ни испратат нова динамика на изградбата, бидејќи факт е дека се доцни од сите страни. Кога ќе ја добиема новата динамика ќе продолжи изградбата, вели Петрит Сарачини, портпарол на министерството за култура.

Тој ги отфрла шпекулациите дека има одредени пропусти во изградбата, иако таванот бил понизок од планираното, односно наместо една имало поставени две плочи.

-Затоа ние бараме писмено да не известат трите страни и ние како инвеститори да продолжиме со финансирањето. Потребно е да изнајдат компромисно решение со нова динамика и кога ќе имаме почиста ситуација можеме да рече дека продолжуваме понатаму, додава Сарачини.

Според него не е надмината планираната сума од 3,6 милиони евра за изградбата на театарот и дека во наредниот период, по согледувањата на реалната состојба, ќе финишира изградбата.

Инаку, во 1982 година била одиграна последната претстава во стариот театар. Ансамблот буквално се селел како патувачки театар, за во 1986 година, кога беше отворен Домот на културата, струмичките актери да добијат привремен покрив над главата.

Ристо Тасев

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK