Во организација на Кинолошкото друштво „Астрион Канин“, а под покровителство на општина Струмица и Кинолошкиот сојуз на Македонија, во големиот градски парк се одржа првата ревијална изложба на сите раси на кучиња. Изложбата ја отвори претседателот на Советот на општина Струмица Марјан Даскаловски.
-Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам од името на Советот на општина Струмица и градоначалникот на општина Струмица, да ви посакам топло добредојде и успешно реализирање на денешната прва ревијална изложба на сите раси на кучиња. Велат дека кучето е најдобриот и најверен пријател на човекот. Да се одгледува куче е благородна работа, бидејќи тој што го одгледува самиот поседува таква карактеристика. Во време кога се позасилени активностите за хуман третман на животните и грижа за нивното одгледување, се надевам дека денешната изложба уште еднаш ќе го потврди старото правило дека колку некому ќе му дадеш, толку и ќе ти врати. Тоа посебно важи за вас, одгледувачите на кучиња, кои секојдневно за вашите најдобри пријатели споделувате грижа за нивниот изглед, дресираност, здравје и грижа за потребите на вашиот миленик. Верувам дека денес вашите кучиња пред жири комисијата ќе покажат се што сте ги научиле и на тој начин ќе ја демонстрираат и вашата грижа кон нив. Дозволете ми уште еднаш да ве поздравам и да ви посакам успешна ревијална изложба, која верувам дека во наредните години ќе прерасне во традиционална и со учество на одгледувачи на кучиња од повеќе земји, рече Даскаловски.