Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица во организација на Здружението за култура Транзен, се одржа Јавна расправа по повод националната предлог Стратегија за развој на културата 2018-2022 година. Дебатата се организираше во рамките на проектот „Партиципативна културна политика - нов модел на управување во културата“ финансиски поддржам преку УСАИД програмата за граѓанско учество и се спроведува во соработка со Министерството за култура на Р.Македонија. На дебатата зедоа учество повеќе релеватни чинители од културата, раководни лица на културни институции, културни работници, слободни уметници, претставници од невладин сектор, локална самоуправа и членови на советот на Општина Струмица.
Актерот Стојан Велков Трн во своето излагање ги истакна проблемите со независноста на институцијата Театар во однос на "Центарот за култура" и неправилното менаџирање од страна на раководителите на институцијата во однос на маркетингот и техничкиот персонал кој непрофесионално ја извршува својата дејност. Забелешките главно се движеа и по централизираниот однос на Министерството за Култура и фаворизирање на како што рече - Моќните државни театри во однос на локалните театри, необјективните фестивалски награди и недостатокот од фер и подеднаква театарска критика за сите театри во државата.Тој ја критикуваше и пасивноста на институцијата наспроти професионализмот и вистинското претставување на актерскиот кадар.
Поетесата и новинар Сузана Мицева го постави клучното прашање за департизацијата на културните установи и за методите на контрола над кадрите од стручни тимови. Таа го постави и прашањето за вистинската професионализација на кадрите во културата, потенцирајќи на вистинско реално спроведување на пишаните документи од стратегијата и активно учество на сите чинители во приближувањето на културата до граѓаните.
Од визуелните уметности, сликарите Љупка Галазка Василев и Марјан Ѕин ги потенцираа недостатоците во нерамноправното третирање на ликовните, наспроти останатите уметности од страна на Министерството за Култура. Минималните финансии за реализирање на самостојните ликовни изложби и маргинализирањето на ликовниот уметник како индивидуа кој најчесто не припаѓа на ниедна институција од културата.
Со повеќе или помалку забелешки се вклучија и другите културни работници од Струмица во двочасовната дебата за стратегијата за култура.