Почетокот на бербата на празот жителите на општина Василево го одбележаа со „Десеттата Празијада“. Овој регион е најголем производител на оваа градинарска култура во земјава, која се одликува со посебна ровкост и вкус. Со песна и ора и со богата трпеза, на која беа подготвени и изложени дестина специјалитети од праз, домаќинките и бројните гости ја вкусија познатата „долга василевска манџа од праз“.
Во дворот на црквата „Свети Никола“ во селото Градошорци беа изложени разни специјалитети приготвени од овој зеленчук. Доминираа традиционалните зелници, пити, чорби, салати и познатата кавурма:свинско месо или колбаси со печен или пржен праз.
-Јас подготвив ролат со праз и сирење и баница. Често го користам празот и подтовувам најразлични специјалитети. Денеска заедно со моите другарки подготвивме и солен колач куглов со праз, вели Ванѓа Стојанова, од селото Градошорци.
Градоначалникот на Василево, Марјан Јанев вели дека традицијата за организирање на оваа манифестација успешно продолжува и општината секогаш ќе има слух за вакви манифестации.
-Целта на оваа манифестација е промоција на општина Василево, но и на квалитетниот зеленчук, кој се одгледува на ова поднебје, но и промоција на празот и селото Градошорци, каде секое домаќинство произведува висококвалитетен праз. Преку ова манифестација сакаме да привлечеме инвеститори кои ќе отвораат откупни центри за земјоделски производи во нашата општина и нови работни места, рече градоначалникот на Василево, Марјан Јанев.
На денешната манифестација во чест на празот во Градашорци присутвуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, градиначалникот на Струмица Коста Јаневски, пратеници и советници од општините во Струмичкиот регион.
Ристо Тасев