Во турското маало во Струмица нема ден да не се слушaат звуци од бројните блех оркестри. Пробите се одвиваат на отворено, а најмалите членови на оваа заедница уште од мали нозе ги учат тајните на дувачките инструменти и удирањето во тапан. Од многуте оркестри, само тој на познатото семејство Агушеви успеа да излезе надвор од границите на Македонија, но и на Европа. Тие повеќе се надвор отколку дома. Нивните настапи се знаат со месеци однапред. Штотуку вратен од едно гостување успеавме да го „уловиме“ Џамбо Агушев заедно со неговиот татко Џемал.
Повoзрасниот веднаш на почетокот истакнува дека семејната традиција почнува од нивниот прадедо Исин Онбаши, кој во негово време бил еден од најпознатите музичари. Настапувал во градови во Македонија, Бугарија и во Турција. По неговите стапки продолжил татко му Демир, а трубата од него ја наследиле Џемал и неговиот познат брат, Кочо, кој почина пред неколку години. Но, семејната слава на музичари најмногу ја издигна неговиот син Џамбо, кој во 2011 година беше прогласен за најдобра светска труба на познатиот собир на трубачите во Гуча, во Србија и ја освои наградата „златна труба“.
-Кај нас се знае-кога ќе се роди машко дете во семејството негов инструмент е трубата. Нас тоа ни е во крвта. Јас, на пример, уште на три години, кога ми ја дале трубата, сум знаел да свирам. Тоа ни е дар од Господ, вели Џемал.
Џамбо, шефот на оркестарот, се надоврзува на разговорот и додава дека и тој на 7 годишна возраст почнал да свири труба, а сега почнува и неговиот тригодишен син, Мерт.
-Трубата нас ни е во генот. Иако малку време сум дома, се изненадив кога пред некој ден мојот наследник извади неколку тонови од трубата. Ниту јас, ниту татко ми не го учевме, туку сам покажува интерес, вели Џамбо.
Оваа година тој и неговиот оркестар ќе ја паметат по многубројните настапи во Европа и САД, но најмногу по настапот на британската ББС и по прикажувањето на јужнокореанскиот филм „Океан“ на фестивалот во Кан. Композитор на музиката за филмот е токму Џамбо Агушев.
-На канскиот фестивал филмот доби признание за најдобра музика, што е за мене голем успех. Тоа е за мене голема гордост, но и за Македонија и за Струмица, вели Џамбо.
За него и неговиот оркестар незаборавни се настапите на италијанкста РАИ Уно заедно со Тото Кутињо и на многу фестивали во оваа земја и посебно во Германија. Тој е горд на досега издадените 15 албуми на неговиот „ Агушеви Џамбо“, но уште повеќе е на своите четири самостојни албуми како солист, а петтиот се подготвува и ќе биде издаден во Германија.
-Во мојата музика има мешавина од многу жанрови-поп, фолк, рок, реге, рок. Сето тоа многу добро проаѓа надвор и буквално сме распродадени веќе и за наредната година, додава Џамбо.
Пред извесно време Џамбо престојуваше во Бостон (САД), каде на тамошниот универзитет имал семинар за определени студенти за свирење труба. Најавува дека наредната година повторно ќе гостува во САД, но овој пат со оркестарот, а во Австралија ќе настапува заедно со „Љубојна“.
-Соработката со „Љубојна“ почна откако ја добив наградата во Гуча. Се сретнавме и договоривме настап во Универзалната сала. И потоа имавме многу заеднички настапи, а почнавме да создаваме и заедничка музика, вели Џамбо.
За неколу денови треба да се појави нов спот „реге парти бус“ на германската телевизија РТЛ, а Џамбо вели дека нивниот менаџер Бојан Ѓоргевиќ многу малку ги остава слободни.
-За мене е многу значајна соработката со „Дубиоза колектив“. Тие гостуваат на мој албум, а ние гостуваме на нивни два албуми. Тоа многу ме исполнува и покажува дека нашата музика е препознатлива за сите тие што значат нешто во светот на естрадата, рече Џамбо Агушев.
Додава дека дом во последните неколку години дом им се хотелите, авионите и комбињата. Џамбо, Кочо и Џемал Агушеви, заедно со останатите членови на групата секојдневно ги „острат“ трубите за по кој знае кој пат да ја пренесат богатата семејна музичка традиција.
Ристо Тасев