AMD Strela

 

Локалните институции се топлат на гас-државните на струја и нафта

Локалните институции се топлат на гас-државните на струја и нафта
Објавено на: 15 Nov 2017

Веќе пет години Струмица е првата гасифицирана општина во Македонија, но ниту една државна институција не е приклучена на гасоводот. Институциите и објектите кои се под надлежност на локалната власт шеста сезона по ред ги користат предностите на затоплувањето на гасот и заштедите годишно изнесуваат повеќе стотина илјади евра. Најголемите потрошувачи кои се под капа на државата, како што се Центарот за култура „Антон Панов и Болницата годишно за загревање трошат по над сто илјади евра. Во Домот на културата канцелариите се затоплуваат за струја, а другите простории на нафта, додека болницата користи мазут.

Од Јавното претпријатие „Струмица Гас“ велат дека со поставувањето на гасоводот им биле испратени понуди на државните институции во Струмица, но не добиле никаков одговор.

-Од порано имавме контакти со СВР Струмица за затоплување на нивните простории. Тие пројавија интерес за да се запознаат со условите за добивање приклучок, но целата иницијатива остана на тоа. Други институции не покажаа интерес, а по промената на власта имаме барање од Музејот и НУЦК „Антон Панов“ за да можат да ги планираат средствата за затоплување на гас во наредниот буџет. Од порано со наша добра волја дури подготвивме идеен проект за изградба на котлара за болницата, вели Благој Милановиќ, в.д.директор на ЈП „Струмица Гас“.

Милановиќ додава дека до некои поголеми објекти, како што е болницата, при изградбата на гасоводната мрежа се оставени места за приклучоци, доколку овие институции одлучат да ги користат предностите на гасот.

Директорот на Струмичката болница, д-р Наќе Гогов, вели дека размислуваат за користење на гасот за затоплување на болницата, но дека е потребно да се подгтови соодветна  документација.

-Новиот дел на болницата, односно Ургентниот центар планираме да се затоплува на гас. Таму има приклучоци до гасоводната мрежа и по завршувањето на изградбата овој дел од болницата ќе се затоплуваме на гас, вели д-р Гогов.

И директорот на Домот на културата во Струмица, Ванчо Ристов Патриков вели дека ја актуелизирале иницијативата за затоплување.

-Веќе два пати реагираме до министерството за култура и до Владата за да ни одобрат средства за подготвување на елабарот. Таква е постапката. Првин треба да подготвиме елабарот, а потоа ќе бараме средства од министерството за да се затоплуваме на гас. Ние сме во постапка за да го решиме овој голем проблем, бидејќи за затоплување трошиме струја за која плаќаме месечно по околу 100 илјади денари и за нафта годишно околу 600 илјади денари, вели директорот на НУЦК „Антон Панов“, Ванчо Ристов Патриков.

Инаку, во изминативе пет години во Струмица е изградена гасоводна мрежа во должина од 29 километри. На неа се приклучени сите инстутитуции под надлежност на општината и над 200 приватни корисници. Цената за приклучок изнесува 600 евра, од кои 100 евра субвенционира општината.

Ристо Тасев 

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK