Претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски, денеска, го отвори 18-то издание на „Отворените забавни фудбалски школи“ во спортската сала на средното училиште „Димитар Влахов“. Тој во своето обраќање потенцираше дека општина Струмица 11 години ги финансира овие школи од буџетот, потврдувајќи ја својата грижа за најмладата популација и нејзиното здравје.
-Вие, 60-те момчиња и девојчиња, членови на Фудбалските клубови „Академија Пандев“, „Беласица“ и „Мак Струмица“ и на Женскиот фудбалски клуб „Тиверија“, денес имате извонредна можност, преку забава да ги разоткривате убавините на „најважната споредна работа на светот“ – фудбалот. Разликите во полот, возраста и претходното фудбалско знаење, нема да ви претставуваат пречка, убаво да се дружите преку разни игри кои се поврзани со фудбалот. Другарувањето, стекнувањето нови пријателства, јакнењето на здравиот спортски дух и запознавањето со фудбалската игра, се најважните бенефити кои ги носи овој проект. Цели 11 години по ред, „Отворените забавни фудбалски школи“ се финансирани од Буџетот на Општина Струмица, со што покажуваме дека сме секогаш на страната на најмладата популација, грижејќи се за здравјето на децата и за популаризација на фудбалот. Наскоро не очекуваат уште три вакви настани, од кои еден до крајот на годинава и уште два напролет, на кои учество ќе земат ученици од основните училишта од нашата општина. Како Претседател на Советот, а пред се како поранешен фудбалер, сакам да ви честитам за вистинскиот избор на спортот со кој се занимавате и да ви посакам успех во следењето на вашиот сон. Уживајте во денот, другарувањето и фудбалската игра, рече Даскаловски.