AMD Strela

 

Во струмичката касарна никнува уште еден град

Во струмичката касарна никнува уште еден град
Објавено на: 20 Nov 2017

Некогашната струмичка касарна e претворена во големо градилиште, на кое никнува цел еден мини град. Од проектираните 55 станбени згради, петнаесетина веќе се завршени, а во некои од нив се вселија и првите станари, односно во нив сега можат да домуваат над 5 илјади граѓани. На површина од 38 хектари или една осмина од вкупната површина на градот треба да бидат изградени и ново училиште, детска градинка, пазар, мултуфинкционална сала, младински центар, а со целосното предавање од страна на државата на сите објекти од некогашната касарна на општина Струмица се планира тие да се искористат за студентски дом, ресторани, објекти за високо образование и дислоцирање на повеќе општински служби. Досега од продажбата на градежно неизградено земјиште во општинската каса се влезени значителни средства, посебно од комуналниот надоместок што ја плаќаат инвеститорите.

-Околу 20 милиони денари чинеше зафатот за изградба на систем за фекална канализација, водоводна мрежа и атмосферската канализација во првата фаза. Во пробивање на улици и тампонирање на патишта инвестирани се исто така повеќе од 20 милиони денари.Оваа активност продолжува да се одвива континуирано, а нејзиниот интензитет зависи од тоа со какви темпо ќе градат инвеститорите. Покрај тоа, обезбедени се и приклучоци на гасоводната мрежа, со што се исполнети сите услови за модерно и непречено домување, вели Стојан Динев, раководител на Секторот за урбанизам и комунални работи при општина Струмица.

Со донесувањето на детаљниот урбанистички план касарната засега останува единственото место каде ќе се шири градот. Една од причините е поради метереолошките услови  и така наречената „ружа на ветрови“.

-Перспективно останува Струмица да е шири на тој дел, односно на северезападниот дел на градот, бидејќи во другите делови се индустриски. Тоа значи дека во наредните години ни претстои регулација на поројот „Свети Илија“, бидејќи во овој дел на градот ќе има булеварско решение покрај поројот од двете страни. Тоа значи дека ќе може да се интензивира градбата и во населбата „Софилари“, која се наоѓа веднаш до касарната, бидејќи таму се уште немаме пробиено улици. Но, со донесувањето на детаљните урбанистички планови може да се почне, зашто има голем интерес од граѓаните, додава Динев.

Новиот мини град е оддалелен само 300 метри од центарот на градот. Градежните компании кои нудат станови на продажба велат дека се задоволни од интересот на граѓаните и најголен дел од становите се веќе продадени.

До 1990 година во струмичката касарна воен рок во тогашната ЈНА служеа околу 8 илјади војници, а пред петнаесетина години касарната ја користеа и војниците на НАТО од Германија. Со трансформацијата на АРМ најголем дел од површината на касарната е отстапена на општината.

Ристо Тасев

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK