AMD Strela

 

Доматите во Струмичко се продаваат поевтино од налето

Доматите во Струмичко се продаваат поевтино од налето
Објавено на: 02 Dec 2017

„Петнесет денари за килограм, 6 килограми за 100 денари.“ Таква е понудата на доматите во Струмица деновиве, како на пазарите на мало, така и на големо. За овој период од годината вакви ниски цени не се карактеристични. На пазарите се чудат и купувачите и продавачите. За купувачите ниските цени се можност да ја продолжат летната сезона на конксумирање на струмичката „френка“, а продавачите да успеат колку-толку да ги покријат трошоците.

Според Ванчо Митев, земјоделец од село Добрејци, набраните домати стојат во дворот бидејќи никој не ги сака.

-Вчера носевме поголема количина домати на пазарот на големо во Струмица, но ги вративме. Никој не прашува. Не верувам дека набраните домати ќе го издржат првиот поголем студ и нема да ни преостане ништо друго освен да ги фрлиме, вели Митев.

Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикат на земјоделци, вели дека проблемот е повеќеслоен, односно волшебниот круг на непланирано производство без стратегија, неизвесен откуп и пласман си го прават своето и придонесуваат доматите да имаат толку ниска цена.

-Пред некој ден е вратена поголема количина позни домати од еден голем пазар, поради неквалитет. Откупувачот ги купил за десет денари по килограм, а таму сакал да ги продаде за 60 денари за килограм. Имало поголема количина домати кои не одговарале на пропишаниот квалитет со што целосно се затвора патот за извоз на нашите домати, вели Велков.

Откупувачите не се заинтересирани за откуп на доматите кои земјоделците ги произведуваат во пластениците, бидејќи не е квалитетна и не одгледана како што треба.

-Квалитетните домати од оранжериите кои се одгледуваат во контролирани услови и со затоплување имаат цена од 40 до 50 денари за килограм. За нив има интерес зашто можат да се транспортираат и се многу поквалитетни од позните домати од фолиите  и пластениците. Едоставно за нив нема интерес и правилата на пазарот за понуда и побарувачка се јасни:никој не сака неквалитетен производ, вели Блажо Витанов, откупувач од Струмица.

Земјоделците од регионот се жалат и на слабиот интерес за позната црвена пиперка одгледана под пластеници. За разлика од минатите години кога се продавала дури и за 60 денари за килограм, годинава интересот за неа е мал и неизвесно е по која цена ќе се откупува.

Ристо Тасев

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK