Вечерва со почеток во 19,30 во големата сала на Центарот за култура “Антон Панов” ќе стартува осмото издание на филмскиот фестивал Астерфест под мотото „Одисеја 2012“. На свеченото отворање покровителите ќе ги доделат наградите на лауреатите Славко Штимац и Владимир Блажевски, а вечерта ќе биде одбележана со филмски маратон од тринаесет кратки филмови.
Во петте фестивалски денови, од 25-ти до 29-ти мај, ќе се прикажат 50-тина нови кусометражни филмски содржини. Во компетицијата „Астердокс“ за документарни филмови ќе се натпреваруваат: ПРИКАЗНАТА НА ЛЕОНИД на Рајнер Лудвигс, ПОМЕЃУ ОДЛУКИТЕ на Ерик Бафвинг, ВРАЌАЊЕ на Кшиштоф Кадлубовски, ДА НЕ БЕШЕ ТИ на Ане-Марике Графманс, СУПЕРКАРГО на Кристоф Шварц, ОНИЕ ДРУГИТЕ на Иља Кок и Виљем Тимерс, ЖИВОТОТ, ПРИКЛУЧЕНИЈАТА на Владимир Перовиќ, КЛАЕС на Мартина Карлстедт и ОТКАЧУВАЊЕ на Финлај Претсел и Адријан Мекдауел.
Во компетицијата „Глобална фикција“ за играни филмови се вброени: БАРДО на Марија Апчевска, УВЕРТИРА на дан Сахар, СУПЕР ПОЛНО на Ниам Етани, ТРАГИ ОД СВЕТЛИНА на Клаир Валка, ПАТУВАЊЕ на Бартош Крухлик, ПИЈАНО на леон Минасиан, ЛОСТ СПРИНГС 2 на Андреј Добреску, ЕПИЗОДИСТ на Игор Алексов и ВО НАШИ РАЦЕ на Петер Бруенер. Во програмата се селектирани и 5 анимирани филмови, филмови од Русија и еден блок едноминутни филмови. Во посебна програма „Мери-Дионс“ ќе бидат прикажани 4 студентски филмови од Македонија. Ќе бидат поставени фото-изложбите со раритетни слики од Ѓорги Абаџиев и Геза Барта.Покрај дискусиите за документарни играни автори, ќе се одржи и работилница за сценарио за краток филм.
Ве чест на Штимац и Блажевски ќе бидат прикажани и БЈУИК РИВИЕРА и ПАНКОТ НЕ Е МРТОВ. Официјалното жири кое ќе одлучува за „Златната потковица“ и за другите главни награди е составено од Владимир Блажевски, Срѓа Пенезиќ и Александар Штиглиќ.Фестивалските настани, покрај локациите во “Антон Панов”, ќе се одвиваат и во Амфитеатарот и во Манастирот Вељуса. Астерфест е под покровителство на Собранието на општина Струмица и Министерството за килтура.